Подобрувањето на однесувањето и намалувањето на насилството – создавање на позитивна училишна клима – се основни темели за креативна и ефективна средина за учење и подучување во која сите членови на училишната заедница – децата, наставниците, училишниот персонал и родителите – може успешно да работат и се чувствуваат почитувани, сигурни и безбедни.
Политика за однесување го обликува училишниот етос и претставува израз на тоа како училиштето ги почитува и вклучува сите луѓе во него. Изготвување на Политика за однесување – заснована врз принципите за создавање на безбедни и заштитени училишни средини или позитивна училишна клима – е можеби првиот чекор што може да го направат училиштата кон градење на "училиште без насилство".
Голем број на училишта веќе имаат кодекс на однесување; но, за да биде ефективна една Политика за однесување треба да има сеопфатен асортиман на стратегии и пристапи. Не треба да се заснова само врз еден метод или пристап; на пример да се базира само врз воведување на дополнителен персонал за обезбедување, или изработка на нови кодекси за однесување. Исто така не треба и да се осврнува само на еден причински фактор, како што е нестабилна домашна средина, или достапност на оружје во заедницата.
Ефективна политика опфаќа и подобрување на однесувањето и намалување на насилството бидејќи причините за позитивно однесување често се исти со причините за ненасилно однесување (мотивираност за учење, поттик од родителите, позитивна училишна клима, итн). Делотворните интервенции за подобрување на однесувањето се насочуваат кон причините за неправилно однесување кои често се и причини за насилство (отуѓеност од училиштето, насилно задевање или друг притисок од врсниците, загуба и жалост, итн).
"Најдобрите политики се составени од испреплетени пораки. Постојано се ревидираат и никогаш не се чуваат на полиците доволно долго за на нив да се нафати прав. Училиштата постојано им се навраќаат за да ги подобрат и за да видат што успева."
Најдобрите политики се засновани врз докази, активно се применуваат и редовно се ажурираат со цел училиштето навремено да реагира на промените во начините на однесување и намалување на насилството, и на подобрувањата кои произлегуваат од спроведувањето на политиката. За ова потребно е да се обезбеди спроведување, следење и постојано подобрување со помош на повратни информации со цел да се подобри училишната политика. Политиката треба да има сеопфатен пристап, учество на сите чинители, и да праќа јасна порака дека насилството влијае врз сите и е сечија одговорност.
Извор:Прирачник на Советот на Европа за намалување на насилството во училиштата .
УНИЦЕФ поддржува воведување на програма за обука во сите основни и некои средни училишта на тема намалување на насилството. Програмата е изработена со цел да им се помогне на училиштата да спроведат "пристап на цело училиште" во спречувањето и намалувањето на насилството. Врз основа на прирачникот на Советот на Европа за намалување на насилството во училиштата, една од главните компоненти на обуката опфаќа упатства и алатки за изработка на политика за однесување. Училиштата може да ја преземат целата содржина на Прирачникот на Советот на Европа (има верзии на англиски, македонски и албански ) или може да кликнат на линковите за да преземат резимирани упатства (опфатени се чекори и алатки) за изведување на самооценување на училиштето и изработка на политика за однесување во училиштето.